Мегленски: За опстанок повеќе не сакам да зборувам, амбициите на Победа се европски

В недела против Беласица во Битола, прилепска Победа ќе ја почне новата сезона во ПМФЛ, но повторно главен проблем за прилепчани ќе биде домашниот терен, односно неможноста да играат на „Гоце Делчев“ во Прилеп.

Трета сезона по ред „бело-црвените“ како домаќини ќе играат низ државата, а во овој период се обидоа да се чувствуваат како домаќини во Битола, Охрид, Струмица, Турново...

„Има некои оптимистички најави, дека втората полусезона ќе ја играме тука во Прилеп, не знам тоа колку е реално, но ние се надеваме дека ќе биде така. Од минатото искуство кога јас сум бил фудбалер, било многу потешко кога ќе се ангажираат толку играчи, но познавајќи ги играчите кои ги донесовме мислам дека ќе бидеме подобри од ланската сезона. Очекувањата се секогаш европски, не треба никогаш да размислуваме за други амбиции, затоа што Победа во историјата секогаш се натпреварувала да биде шампион, да освојува титули. Ако бидеме реални, мора прво Победа како клуб да растеме од година во година, во смисла да станеме прво стабилен прволигаш, да немаме проблеми. За опстанок повеќе не сакам да разговарам, да немаме проблеми во сезоната и ако ни излезе шанса да се приклучиме кон Европа“, рече Мегленски.

Тренерот на прилепчани го најави дебито в недела под „Тумбе кафе“ во Битола против новајлијата Беласица.

„Немаме буџет како Шкендија, Вардар, Шкупи. На пример, имавме еден играч кој што го посакувавме и ние и Шкупи, го зедоа тие затоа што понудија повеќе. Што се однесува до натпреварот со Беласица, повредени се само Жоглев и Мустафов, кој вчера имаше незгоден пад на рамото, но мислам дека ќе биде во најдобар до в недела. Гешоски за жал нема право на настап на четири натпревари“, рече Мегленски.

Скопскиот судија Дејан Јакимовски ќе ја дели правдата на дуелот меѓу двата традиционални клубови со армија на навивачи, Победа и Беласица.