• Саше Љолес
Шпанија продолжува да реди победи, а херој во триумфот над Хрватска на „Пољуд“ повторно беше Микел Мерино. Офанзивецот на Арсенал влезе од клупата и со два гола го сврте натпреварот во корист на европскиот шампион за конечни 2-1.
Хрватска долго време успешно им парираше на фаворитите. Иако Шпанија ја имаше топката во свој посед и ја контролираше играта, домаќините први стигнаа до водство. Иван Перишиќ погоди во 23. минута и ја донесе Хрватска во предност.
Сепак, одлуката на Луис де ла Фуенте да го испрати Мерино на терен се покажа како пресудна. Фудбалерот на Арсенал израмни во 61. минута, а Хрватска дополнително си ја отежна ситуацијата во 79. минута, кога Перишиќ доби втор жолт картон и беше исклучен.
„Многу сум горд на играчите и сакам да им се заблагодарам за трудот, борбеноста и квалитетот. Очекувавме тежок натпревар и поинаку не можеше да биде. Не се откажавме и знаевме што сакаме. Во првото полувреме имавме проблеми, но во вториот дел бевме многу подобри“, изјави Де ла Фуенте.
Со овој триумф Шпанија стигна до 11 победи по ред и го продолжи неверојатниот рекорд на 42 натпревари без пораз. Сега останува да се види дали оваа генерација ќе го собори рекордот на тимот предводен од Висенте дел Боске, кој од 2008 до 2009 година забележа 15 последователни победи.
Селекторот на Шпанија посебно го истакна Мерино, за кого имаше и дилеми дали треба да биде дел од репрезентацијата.
„Горд сум што имам таков играч, но пред сè голем човек. Се зборуваше дали треба да оди со нас на Светското првенство, а јас тогаш реков дека ќе го носам на раце. Тој е еден од оние играчи чиј талент не секогаш се препознава доволно. Во нашата земја има фудбалери кои не ги добиваат заслугите што ги заслужуваат“, порача Де ла Фуенте.
Мерино уште еднаш покажа дека е исклучително оружје од клупата, а Шпанија со новиот пресврт продолжи да ја гради серијата која веќе изгледа како сериозен предизвик за рекордите на претходните генерации.









