• Иван Димовски
Повредата на коленото на Килиан Мбапе е посериозна од очекуваното и тој нема да се врати во тимот на Реал Мадрид до реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Манчестер Сити.
Според „Марка“, Французинот е незадоволен од третманот на медицинскиот тим и затоа заминал во Франција на дополнителни прегледи. Веќе три месеци чувствува болка во коленото, а сè уште не е прецизно утврдено дали проблемот е во медијалниот или во задниот вкрстен лигамент.
Ова е неговата најлоша сезона кога станува збор за повреди, а останува да се види дали консултациите во татковината ќе донесат побрзо закрепнување. Реал потврди дека Мбапе и докторите се решиле за конзервативно лекување и нема да оди на операција.
„По тестовите кои Килиан Мбапе ги мина со француските медицински специјалисти под око на медицинскиот тим на Реал, дијагнозата е дека има истегнување на левото колено. Тој ќе биде подложен на конзервативен третман како и досега“, напиша клубот.
Мбапе ја влече повредата од декември, операција веројатно перманентно ќе го реши проблемот, ама тоа би бил голем ризик за настап на Мундијалот. Веројатно и тоа има удел во одлуката на Французинот за конзервативно лекување.

