• Саше Љолес
Французинот Килиан Мбапе запиша хет-трик на гостувањето кај Каират Алмати во Лигата на шампионите, а со овој учинок го зголеми бројот на погодоци во елитното натпреварување и сега има вкупно шеесет.
Мбапе со ова остварување се израмни на вечната листа со Холанѓанецот Руд Ван Нистелрој, а прв и неприкосновен стрелец во елитата е Португалецот Кристијано Роналдо, кој има 141 погодок зад своето име.
Иако овој рекорд се чини тешко достижен, сепак, многу работи одат во корист на Мбапе, кој има само 26 години, возраст на која Роналдо имаше „само“ 32 погодока во Лигата на шампионите.
Со оглед на поголемиот број натпревари што се играат во новиот формат, веројатноста дека Мбапе може да го достигне Роналдо се зголемува, иако за тоа треба да поминат уште неколку години.
Неговиот досегашен учинок може слободно да се спореди со оној на Аргентинецот Лионел Меси, кој постигна 60 голови на 80 натпревари, на возраст од 26 години и 84 денови. Едно е сигурно, Мбапе дефинитивно ќе биде меѓу најдобрите стрелци во историјата на натпреварувањето. Останува да видиме само колку ќе напредува на оваа вечна листа на најдобри голгетери.
ФОТО/PHOTO: Real Madrid CF/Facebook




