Мбапе: Се чувствувам како број еден во светот, не можам никого да контролирам

Напаѓачот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, порача дека е целосно фокусиран на настапите во Лигата на шампионите и освојувањето трофеи со „кралскиот клуб“, во пресрет на утрешниот дуел со Интер во првото коло од главната фаза на елитното натпреварување.

По неодамнешниот пораз од Бетис во Ла Лига, Реал ќе бара враќање на победничките патеки токму во своето омилено натпреварување, а француската ѕвезда истакна дека атмосферата во тимот останува одлична.

„Многу сум среќен што повторно ќе играм во Лигата на шампионите. Секогаш му пристапуваме на ова натпреварување со голема мотивација. Нè очекува тежок натпревар против Интер, но за вакви мечеви се живее“, изјави Мбапе.

Французинот се осврна и на честите коментари дека не функционира најдобро во тандем со Винисиус Жуниор.

„Тоа е само едно од многуте мислења што постојат кога станува збор за Реал Мадрид. Не можам да контролирам што зборуваат луѓето. И јас и Винисиус имаме иста цел, да освојуваме трофеи“, порача Мбапе.

На прашањето дали заслужува да ја освои „Златната топка“, напаѓачот нагласи дека секогаш верува во своите квалитети.

„Секогаш се чувствувам како најдобар играч во светот, но тоа е мое лично мислење. Некои ќе се согласат, други не. На крајот, новинарите гласаат и тие ќе го изберат победникот“, рече Французинот.

Мбапе истакна дека не прифаќа теории според кои неговите голови и успехот на тимот не можат да одат заедно.

„Секако дека сакам да освојувам трофеи, но не гледам зошто би морал да бирам меѓу голови и титули. Треба да го правиш и едното и другото, да постигнуваш голови и да победуваш“, нагласи напаѓачот.

Тој упати пофални зборови и за тренерот Жозе Мурињо, потенцирајќи дека Португалецот има редок победнички менталитет.

„Тој знае како да победува и како да го пренесе тој дух на целата група. Умее да го мотивира клубот и играчите и тоа е една од неговите најголеми квалитети“, истакна Мбапе.

На крајот, Французинот ги отфрли шпекулациите дека заминувањето од ПСЖ е причината за успесите на парискиот клуб.

„Тоа е само уште една анализа. Знам дека кога се зборува за мене, тоа привлекува внимание и немам проблем со тоа. Но, тоа е само едно од многуте мислења“, заклучи Мбапе.

Натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Интер се игра во вторник со почеток од 21:00 часот.