Мбапе одби да се фотографира со француската репрезентација

Напаѓачот на француската фудбалска репрезентација, Килијан Мбапе најави дека нема да се фотографира со остатокот од репрезентацијата во пресрет на Светското првенство во Катар.

Фотосесијата е закажана во вторник, а ѕвездата на Пари Сен Жермен одби да се фотографира, бидејќи Француската федерација не успеа да го „модифицира договорот“ што Мбапе го има со еден од неговите спонзори.

Маркетинг тимот на Француската фудбалска федерација (ФФФ) објави дека фотосесијата во вторник ќе се одржи без најголемата суперѕвезда. Се огласија и правните застапници на Мбапе, кои истакнаа дека жалат што не е постигнат договор, бидејќи се работи за промо кампања пред Мундијалот. Ова не е првпат, бидејќи Мбапе исто така ја отфрли маркетинг кампањата на федерацијата во март од слични причини.

Тој нема да биде на фотографиите и објавите на социјалните мрежи, но сигурно ќе биде во составот на преостанатите два натпревари од Лигата на нации против Австрија и Данска, како и во Катар на Светското првенство.