• Горан Упале
Францускиот напаѓач Килијан Мбапе пред неколку дена беше спектакуларно претставен во Реал Мадрид. 25-годишниот ас имаше опција да го продолжи договорот со ПСЖ, но се реши за нов предизвик во кариерата и потпиша петгодишен договор со „кралскиот“ клуб. Францускиот репрезентативец се согласи на многу помала плата во Реал од претходно.
Реал не мораше ништо да плати на ПСЖ за доаѓањето на Мбапе, туку уплати сто милиони евра бонус директно на сметката на играчот. Годишната плата на Килијан Мбапе ќе биде 31,2 милиони евра бруто, пишува порталот „90мин“. Ова е многу помалку од неговата плата во ПСЖ, каде во последните две години заработи дури 200 милиони евра, несметајќи ги спонзорските договори.
Францускиот напаѓач најмногу заработува во Реал, но по заработка е на третото место на ниво на шпанската лига. На второто место на оваа листа е 35-годишниот центарфор на Барселона Роберт Левандовски, кој има годишна заработка од 33,5 милиони евра. Лидер, пак, е исто така играч на Барселона, холандскиот играч за врска Френки де Јонг, кој има договор за 37,5 милиони евра годишно.
На четвртото место на ова рангирање е фудбалерот на Реал Винициус Жуниор, кој заработува 28,8 милиони евра бруто годишно. Единствениот играч кој не игра ниту за Барселона, ниту за Реал на ова рангирање има иста плата како Винициус, а тоа е Јан Облак од Атлетико Мадрид.
Играчи со највисоки годишни плати во Примера
1. Френки де Јонг (Барселона) – 37,5 милиони евра
2. Роберт Левандовски (Барселона) – 33,5 милиони евра
3. Килијан Мбапе (Реал Мадрид) – 31,2 милиони евра
4. Винициус Жуниор (Реал Мадрид) – 28,8 милиони евра
5. Јан Облак (Атлетико Мадрид) – 28,8 милиони евра
6. Давид Алаба (Реал Мадрид) – 22,5 милиони евра
7. Џуд Белингем (Реал Мадрид) – 18,7 милиони евра
8. Илкај Гундоган (Барселона) – 16,6 милиони евра
9. Федерико Валверде (Реал Мадрид) – 15 милиони евра
10. Тибо Куртоа (Реал Мадрид) – 14,5 милиони евра
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.