• Саше Љолес
И покрај импресивната кариера и бројните освоени трофеи, Килијан Мбапе и натаму ја чека својата прва титула во Лигата на шампионите - единствениот голем трофеј што му недостига.
Францускиот напаѓач, кој во текот на кариерата настапуваше за Монако, Пари Сен Жермен и Реал Мадрид, најблиску до европската круна беше во 2020 година, кога ПСЖ загуби во финалето од Баерн Минхен со 1-0.
Иако зад себе има 18 клупски трофеи, како и титули светски шампион и победник во Лигата на нации со Франција, елитното европско натпреварување и понатаму „му бега“ од колекцијата.
По трансферот во Реал Мадрид, очекувањата беа дека конечно ќе го освои „долгоушкото“, но и таму двапати беше запрен во четвртфиналето. Интересно, ПСЖ веднаш по неговото заминување успеа да стигне до европскиот трон.
Статистиката дополнително ја потврдува неговата класа - со 70 голови на 98 натпревари, Мбапе е меѓу најдобрите стрелци во историјата на натпреварувањето, но за разлика од останатите на врвот, сè уште нема освоено титула.
Тој не крие колку му значи овој трофеј, истакнувајќи дека Лигата на шампионите е најважното клупско натпреварување и дека евентуалното освојување би било исполнето со силни емоции.
И покрај рекордите и индивидуалниот квалитет, впечатокот останува ист - еден од најдобрите фудбалери на својата генерација сè уште ја чека титулата што би ја заокружила неговата кариера.




