Мбапе го обвини ПСЖ дека му се заканувал, следуваше жесток одговор од клубот

Килијан Мбапе конечно стави потпис на договор со Реал Мадрид. Трансфер-сагата која што траеше неколку години конечно заврши и францускиот ас во иднина ќе тресе мрежи за „кралевите“. По потписот со Реал капитенот на Франција даде по малку неочекувана изјава во која вели дека во ПСЖ му се заканувале кога им соопштил дека нема да потпише нов договор.

„Кога му кажав на претседателот дека ќе си заминам на крајот на сезоната, ми се закануваа дека нема да играм за ПСЖ до крајот на сезоната. Ме спасија тренерот Луис Енрике и спортскиот директор Луис Кампос“, рече Мбапе.

Одговорот од клубот експресно пристигна. Неофицијален, но угледниот „Франс Прес“ се повикува на веродостојни извори од клубот. 

„Мбапе нема апсолутно никаква класа. Насер Ал-Келаифи никогаш никому не му дал ни најмала наредба поврзана со тимот. Луис Енрике го потврди ова. Но и покрај сè, штом Мбапе ќе каже нешто, сите го третираат како вистина, во догледно време, ќе се открие достоинството и професионалноста за доброто на ПСЖ, Париз и навивачите“.

Мбапе за Реал Мадрид потпиша договор на пет години.