• Саше Љолес
Француските медиуми пишуваат дека одлуката на Дидие Дешамп да не го повика Килиан Мбапе за натпреварите од Лигата на нации не е поврзана само со формата на играчот, туку и со неговата психичка состојба.
Напаѓачот на Реал Мадрид разговарал со селекторот и му предочил дека во моментов не се чувствува најдобро на психички план поради периодот на адаптација во „кралскиот“ клуб и новата средина. Брзоногиот голгетер не ги прикажува посакуваните игри во Мадрид и се обидува да се врати на вистинскиот колосек, па затоа селекторот решил да му даде малку повеќе време за одмор и рекуперација на силите.
„Разговаравме со Килиан и тој отворено ми кажа во каква состојба се наоѓа во моментов. Потребно му е време за смирување и психичка стабилност. Ова беше тежок период за него, но тој е златно момче и наскоро ќе се врати со целиот потенцијал. Вратата во репрезентацијата за него никогаш нема да биде затворена“, рече Дешамп.
Мбапе досега има солиден учинок од седум гола и две асистенции, но Реал Мадрид игра во променлива форма и има големи проблеми со повредени играчи. Француската ѕвезда е убедливо најзвучното засилување за најтрофејниот клуб летово, па наскоро се очекува да блесне во сиот сјај и повторно да ги „решета“ мрежите ширум Европа.