• Саше Љолес
Капитенот на француската репрезентација, Килијан Мбапе, изјави дека селекторот Дидие Дешамп заслужува неговиот последен настап на Светското првенство како предводник на „триколорите“ да заврши со победа.
Франција во полуфиналето во Далас загуби од Шпанија со 0-2 и остана без пласман во финалето. Дешамп претходно најави дека овој Мундијал ќе биде негов последен турнир на клупата на националниот тим.
„Ништо не се промени во тоа што Дидие значи за сите нас во Франција. Тој како селектор и како играч испиша неверојатна историја. Ни останува уште еден натпревар и ќе дадеме сè од себе да го одиграме најдобро што можеме, поради него, но и поради навивачите кои заслужуваат да го завршиме првенството со победа и освоено трето место“, изјави Мбапе.
Дешамп со Франција ја освои светската титула како играч во 1998 година, а дваесет години подоцна како селектор го предводеше тимот до трофејот на Мундијалот во Русија. На Светското првенство во Катар во 2022 година стигна до финалето, каде што Франција беше поразена од Аргентина по изведување пенали.
„Имав среќа како играч да доживеам многу убави моменти. Денес не е еден од нив. Мораме да го прифатиме поразот, но не смееме да заборавиме на сè што постигнавме заедно. Сепак, денес не сум среќен“, изјави Дешамп.
Франција во натпреварот за третото место во сабота во Мајами ќе игра против поразениот од второто полуфинале меѓу Аргентина и Англија.





