Маврај: Алиоски ја критикувал Албанија? Кој е тој... не го познавам!?

Мергим Маврај, фудбалерот на Албанија, во интервју за албанските медиуми ден по натпреварот против Македонија го „пецна“ нашиот репрезентативец Езџан Алиоски, кој одигра одличен меч против западниот сосед во квалификациите за СП 2018.

Алиоски по натпреварот изјави дека Албанија не била истата селекција што играла на ЕП на теренот во Струмица, а Маврај ја искористи приликата да му возврати и да каже дека - воопшто не го познава!

„На Алиоски не му се допаднала оваа Албанија? Кој е тој? Не го познавам. Ние секогаш се споредуваме себеси со минатото и со големиот успех кој успеавме да го направиме со пласманот на ЕП. Кој и да го гледаше мечот, мора да потврди дека и ние имавме квалитет на теренот, исто како што видовме дека Македонија само се бранеше во Албанија“, изјави Маврај.

Мечот меѓу Македонија и Албанија на стадионот „Младост“ кој беше прв од квалификациски карактер за репрезентацијата надвор од Скопје заврши со резултат 1-1. Алиоски и Маврај ги одиграа целите 90 минути.