Маунт заминува од Островот? Европски гигант заинтересиран за Англичанецот!

Многу премиерлигашки клубови веќе во неколку наврати изјавија дека би сакале следното лето да го видат одличниот Мејсон Маунт во своите редови, а се шпекулираше дека најсериозни кандидати се Манчестер Јунајтед и Ливерпул, но денес од Островот стигнуваат нови информации кои малку ја менуваат ситуацијата. 

Имено, се шпекулира дека новиот предводник на Баерн Минхен, Томас Тухел, изразил огромна желба летово да го донесе Маунт кај Баварците и го посочил како едно од најдобрите потенцијални засилувања. 

24-годишниот Маунт беше еден од омилените играчи на Тухел за време на неговиот престој во Челзи, а сега би сакал да соработува со него и во таборот на најголемиот германски клуб. Челзи сè уште го нема продолжено договорот со Маунт, а доколку тоа не се случи до крајот на оваа сезона, голема е веројатноста англискиот репрезентативец да ја промени клупската средина.

Тој во моментов е проценет на 50 милиони фунти, сума којашто не би требало да е проблем за Баерн Минхен, иако гигантот од Баварија е познат по тоа што не плаќа огромни средства за трансфер. Доколку Тухел инсистира на овој трансфер, ништо чудно управата да го одобри доаѓањето на Маунт, а тоа сигурно би бил еден од најголемите трансфери во Германија летово.

Мејсон Маунт потекнува од младинските категории на „сините“ од Лондон, а во првиот тим се врати после неколку позајмици во Чемпионшип, поточно тој дојде назад во Челзи кога Френк Лампард го повика по одличните изданија во Дерби Каунти. 

Во текот на престојот во Челзи, Маунт досега има одиграно над 130 мечеви и постигна 27 голови за „сините“, со кои освои и титула во Лигата на шампионите, токму под водство на Томас Тухел.