• Горан Упале
Фудбалската селекција на Уганда запиша уште една голема победа во африканските квалификации за следното Светско првенство. На гостувањето во Боцвана репрезентацијата за која настапува фудбалерот на Вардар, Роџерс Мато, извојува минимален триумф од 0-1 со што го сочува второто место во групата, а со тоа остана да сонува за историски пласман на планетарниот собир следната година.
Напаѓачот на Вардар го одигра целиот натпревар и одново беше меѓу најдобрите на теренот. Мато се повреди на последниот натпревар на „црвено-црните“ во ПМФЛ против Струга, но се потврдија информациите кои што ги објавивме во вчерашниот ден, дека не се работи за ништо посериозно и дека е подготвен за настап во најважните натпревари за својата селекција.
До крајот на квалификациите во Африка останува уште едно коло, во кое Уганда нема друга опција освен да извојува победа и тоа што е можно поубедлива. За противник ќе го има составот на Алжир, кој веќе го обезбеди првото место во групата и со тоа ја грабна визата за Мундијалот.
На Светското првенство од Африка патуваат првите селекции од секоја група, а останатите места ги пополнуваат најдобро рангираните четири селекции кои што ќе завршат на второто место. Моментално Уганда е на петтото место кај второпласираните селекции, со ист број на бодови како Камерун и Буркина Фасо од кои има полоша гол-разлика. По деветнаесет бода имаат Габон и Мадагаскар. Последното коло Уганда го игра на 14 октомври.
