Матиќ: Во Јунајтед бев задолжен да казнувам, ѕвездите плаќаа кај мене!

Немања Матиќ имаше навистина убава интернационална кариера и беше дел од славни клубови како Челзи и Манчестер Јунајтед, а неодамна во изјава за српските медуми изнесе и неколку интересни детали од неговиот престој во соблекувалната на „црвените ѓаволи“. 

Србинот беше во Манчестер цели пет сезони и вели дека одредени играчи имале голем проблем со дисциплината, поради што морале да му исплаќаат одредени „казни“. Матиќ имал голема почит од сите соиграчи поради неговото искуство и токму тој бил задолжен за казните кои морале да ги плаќаат дел од недисциплираните. Матиќ откри дека тоа често го правеле Пол Погба и Џејдон Санчо, а неретко биле казнувани и други играчи од тимот. 

„Во секој клуб има проблеми со недисциплината, така беше во Челзи, но така беше и во Манчестер. Морам да признаам дека кај „ѓаволите“ тоа се случуваше многу почесто. Најмногу ми плаќаа Погба и Санчо, но да не навлегуваме премногу во детали. Не беа само тие, имаше неколкумина со постојан дисциплински проблем. Сите заедно работевме да го подобриме тој сегмент“, изјави Матиќ. 

Оваа изјава на Матиќ можеби и не треба премногу да нѐ зачудува, затоа што токму Џејдон Санчо сезонава е исклучен од тимот на Ерик Тен Хаг поради недисциплина, а ситуацијата со Пол Погба е далеку полоша и тој е пред голема и долга суспензија поради позитивен допинг-тест.