• Саше Љолес

Целата спортска јавност сигурно се сеќава на големиот инцидент во финалниот натпревар на Светското првенство, кое се одржа во Германија во 2006 година. Тогаш во мечот за титулата се сретнаа Италија и Франција, а „аѕурите“ станаа светски шампиони по подоброто изведување пенали.
Инцидентот се случи пред истекот на регуларниот дел, кога капитенот на Франција, легендарниот Зинедин Зидан со глава го удри во градите италијанскиот стопер Марко Матераци. Французинот доби директен црвен картон и на неславен начин го заврши последниот натпревар во својата богата кариера, а вистинските причини за ударот никогаш не беа разјаснети до крај.
Сепак, Матераци пред неколку дена за шпански „АС“ изнесе неколку новини кои порано не ѝ беа познати на јавноста и кажа дека постоеле повеќе превирања и навреди во текот на мечот. Тој добил директна задача од селекторот Марчело Липи да го „маркира“ Зидан и тука почнале првите провокации.
„Ако се сеќавате, Франција поведе со гол од пенал и стрелец беше токму Зидан. Во првото полувреме тие одиграа фантастично, но јас успеав да постигнам гол со глава и израмнивме на 1-1. На полувремето, селекторот Липи ми рече да го „маркирам“ Зидан и да му бидам „фластер“ до крајот на натпреварот.
После првата препирка, јас му се извинив, но тој изреагира многу лошо и ме навреди. Потоа имавме уште еден дуел, а тој ми рече дека по натпреварот ќе ми го подари неговиот дрес. Јас на оваа провокација одговорив дека попрво би ја зел неговата сестра, отколку неговиот дрес“, изјави Матераци.
Зидан не остана рамнодушен на оваа навреда од Матераци и потоа го удри во градите, а судијата му го покажа патот кон соблекувалната. Цела Франција беше во шок од потегот на фудбалерот кој важеше за еден од најсмирените и најсталожените играчи во светот.
Јавноста беше лута и огорчена поради фактот што Зидан ги остави соиграчите „на цедило“ и самиот си го „саботираше“ последниот натпревар во професионалната кариера. Навивачите до ден-денес сметаат дека Франција ќе имала многу поголеми шанси со единаесетмина на теренот и можеби „триколорите“ уште тогаш ќе успееле да стигнат до втората светска титула во историјата.