ВИДЕО: Марушиќ во 93. минута стана херој на Лацио со Сасуоло

Екипата на Лацио славеше победа од 2-1 против Сасуоло во последниот натпревар од 28. коло во италијанската Серија А, со што римскиот тим стави крај на серијата натпревари без триумф. Со оваа победа, Лацио се искачи на десеттото место на табелата со 37 освоени бодови. Сасуоло, кој во пресрет на овој натпревар имаше три последователни победи, остана на деветтата позиција со бод помалку од својот вечерашен противник.

  • Извештај од натпреварот:

Домашниот состав одлично го отвори натпреварот и поведе уште во самиот почеток. Се играше втората минута кога Лацио изведе аут од десната страна на својата половина. Топката стигна до Исаксен, кој со брз продор се упати кон противничкиот шеснаесетник и упати удар кон голот. Голманот Самир Муриќ успеа само кратко да ја одбие топката, но таа заврши кај Даниел Малдини, кој без поголеми проблеми ја испрати во мрежата за водство.

Лацио можеше брзо да ја зголеми предноста. Во 16. минута, по корнер од левата страна, Исаксен се најде во добра позиција и со удар со глава ја испрати топката покрај левата статива. Сасуоло возврати нешто подоцна. Прво се закани Лоријенте, но без прецизност, додека во 35. минута успеа да го израмни резултатот. Тој одигра двоен пас со Кристијан Торстведт и потоа од околу 12 метри упати силен удар кој заврши во горниот лев агол од голот на Лацио за 1-1.

Во второто полувреме, римскиот тим создаде повеќе можности за нов погодок. Најблиску беше во 79. минута кога Исаксен ја избегна офсајд замката и изби сам пред Муриќ, но неговиот обид за лоб заврши над пречката. Само неколку минути подоцна, добра прилика имаше и Провсгард по центаршут од слободен удар, но не успеа да ја насочи топката кон мрежата.

Сепак, подобрата игра на Лацио беше наградена во судиското продолжение. Канчелиери испрати центаршут од десната страна, Муриќ лошо процени и излета во празно, а Адам Марушиќ со удар со глава од околу десет метри ја затресе мрежата за конечни 2-1 и важна победа на Лацио.