„Мартинез се однесуваше примитивно, Меси требаше да го запре!“

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин го критикуваше однесувањето на голманот на аргентинската репрезентација, Емилијано Мартинез кој непримерно го славеше триумфот во финалето на Светското првенство во Катар кое Аргентина успеа да го освои по финалниот натпревар со Франција. 

Неодамна во јавноста се појави книгата „Месианико“, чии автори се двајца новинари од Франција и Аргентина, а една изјава на претседателот на Европската куќа на фудбалот се најде на страниците на ова издание. Чеферин смета дека Меси морал да го прекори Мартинез и да му каже да престане со недоличното славје, затоа што целиот свет го гледаше преносот од свечената церемонија. 

„Тоа беше едноставно одвратна постапка на Мартинез. Тоа не се прави во момент кога си станал светски шампион во фудбал. Тука треба да покажеш големина, спортска етика и култура и почит кон противникот. Покажи дека не си примитивец, нека види јавноста дека се работи за голем спортист и во победа и во пораз. Славјето е легитимно, тие станаа шампиони, но сето тоа има нормална граница која никогаш не треба да се помине“, изјавил Чеферин. 

Првиот човек на Европската фудбалска унија (УЕФА) се осврнал и на моментот кога Мартинез држеше во раката мала кукла со ликот на Килијан Мбапе и рекол дека тоа ја „прелило чашата“, а Лионел Меси морал да го прекори голманот. 

„Прославата на Мартинез со куклата што личи на Мбапе? Меси мораше да стори нешто и да го запре. Тој цела сезона игра заедно со Килијан во ПСЖ, тоа навистина беше невкусно. На крајот на краиштата, Меси е главниот играч на Аргентина и капитен на тимот. Него соиграчите секогаш ќе го послушаат. Без него, Аргентина би била просечен тим и не би стигнала ниту до четвртфиналето на Мундијалите. Кога соиграчите не знаат што да прават со топката, тие едноставно му ја додаваат на Меси“, заклучи Александер Чеферин. 

Претседателот на УЕФА во книгата воедно изразил и восхит од прекрасните изданија на Лионел Меси за време на последното Светско првенство и уште еднаш потенцира дека овој Мундијал бил еден од најдобрите во историјата.