Мартинез: Попрво би ги чистел копачките на Меси отколку да потпишам за Реал Мадрид!

Аргентинскиот голман од редовите на Астон Вила, Емилијано Мартинез, се огласи по повод силните шпекулации околу неговиот евентуален премин во Реал Мадрид. 

Деновиве неколку медиуми пишуваа дека Мартинез добил понуда од „кралевите“ за преселба на „Сантијаго Бернабе“, но чуварот на мрежата демантираше со една прилично брутална изјава. 

„Попрво би се пензионирал, би чувал кокошки и би ги чистел копачките на Меси, отколку да преминам во Реал Мадрид. Јас не сум продадена душа и не сакам да го носам тој дрес“, изјави Мартинез. 

Дел од фудбалската јавност се потсмева со оваа изјава и смета дека Аргентинецот сериозно би размислил доколку добие вистинска понуда од најтрофејниот европски клуб. Мартинез е член на Астон Вила веќе пет сезони, а во 2022 година стана светски шампион со Аргентина на Мундијалот во Катар.