• Мартин Танасковски

Мартин Христов ќе биде новиот предводник на кадетската екипа на Вардар во претстојната натпреварувачка сезона. Младиот и перспективен фудбалски стручњак доаѓа на местото на Кировски, кој во иднина ќе биде дел од стручниот штаб на првиот тим на „црвено-црните“.
И покрај младата возраст, Христов зад себе има богато тренерско искуство и значајни успеси во младинскиот фудбал. Пред две сезони, како тренер на генерацијата 2009 на Македонија Ѓорче Петров, стигна до двојна круна, освојувајќи ги титулите во Суперлигата и Купот.
Во својата досегашна кариера беше дел од стручните штабови на прволигашите Македонија ЃП и Работнички како помошен тренер, а поседува и интернационално искуство стекнато во азербејџанската Суперлига, каде работеше како асистент во стручниот штаб на Сабаил.
Христов во моментов е и дел од стручниот штаб на македонската А-репрезентација, каде ја извршува функцијата аналитичар. Покрај тоа, тој е асистент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и поседува УЕФА А-лиценца.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.






