• Горан Упале
Трофејниот португалски тренер Жозе Мурињо е суспендиран на четири натпревари на Фенербахче поради инцидентот на дербито во Истанбул на почетокот од оваа недела кога упати расистички коментари за Галатасарај, како и за непримерни коментари за судијата.
Фенербахче и Галатасарај одиграа без голови во понеделникот вечерта, но прашината од дербито остана во деновите што следеа, бидејќи самиот Мурињо го привлече вниманието кон себе.
Во средата се шпекулираше дека суспензијата би можела да трае и до шест месеци, но Португалецот доби „само“ четири натпревари, а тоа ќе значи дека ќе биде оддалечен од турското првенство до средината на април.
Мурињо поради тоа ќе ги пропушти натпреварите против Анталијаспор, Самсунспор, Бодрум и Трабзонспор, а прволигашкиот натпревар на кој се очекува да се врати на клупата на Фенербахче е предвидено да се одигра на 13 април на гостувањето кај Сиваспор.