Марсело е повреден поради креветот во хотелската соба во Москва!?

Репрезентацијата на Бразил во последното коло од групната фаза против Србија остана без Марсело кој се пожали на повреда на рамото, а репрезентативниот лекар тврди дека несаканата повреда е поради последица од лош хотелски кревет во Москва.

Левиот бек на Реал Мадрид ги загрижи „кариоките“ и не тренираше на последните тренинзи на еден од фаворитите за трофејот. Родриго Ласмар, лекарот во репрезентацијата на Бразил, изјави дека лош кревет оставил последици на рамото на главниот дефанзивец.

„Повредата на Марсело може да е предизвикана од душекот на креветот во хотелската соба во која престојуваше тој. Но, се уште е рано да зборуваме за тоа. Тој реагираше добро на терапијата, но ќе мора да чекаме повеќе од еден ден за да имаме подобра дијагноза“, вели Ласмар.

Се уште е неизвесно дали Марсело ќе биде во комбинација за осминафиналето, но од Бразил се оптимисти. „Кариоките“ својот меч го играат на 2 јули, против Мексико.