ВИДЕО: Марсеј победи кај Генгамп и остана во игра за ЛШ

Екипата на Олимпик Марсеј забележа значаен триумф во рамките на 33. коло на француската Лига 1 и на гостински терен кај Генгамп славеше со 1-3 (0-2), со што остана во игра за местата кои водат во Лигата на шампионите.

Тимот од „Велодром“ го врза вториот успех во низа, со два рани гола во првиот дел и уште еден погодок постигнат во самиот финиш на мечот. Уште во 4. минута од мечот Луис Густаво го отвори резултатот, додека во 40. минута, Аргентинецот Окампос зголеми на 0-2.

По паузата, Генгамп се врати во игра откако во 56. минута погоди Нгбакото, а во самиот финиш, конечните 1-3 ги постави Жермен во 91. минута од натпреварот.

Олимпик Марсеј на тренерот Рудеи Гарсија е на четвртото место во Лига 1 со 54 бода, додека финалистот на Купот, Генгамп се бори за опстанок во елитата.