Марсеј по само три месеци го отпушти тренерот Марселињо

Францускиот прволигаш, Олимпик Марсеј, ја раскина соработката со тренерот Марселињо Гарсија Торал и Шпанецот заминува од клубот по само три месеци минати на клупата.    

Официјална потврда стигна и од управата на клубот, а причината за отказот се слабите резултати на стартот од новата сезона. Сето ова доаѓа и по бурниот состанок кој управата го имаше минатата недела со најжестоките навивачи, па затоа одлуката за отпуштање на тренерот се чинеше сосема логична. 

„Олимпик Марсеј смета дека последните случувања и резултатите на тимот не дозволуваат тренерот Марселињо и стручниот штаб да ја извршуваат својата работа во најидеални услови. Му се заблагодаруваме за сработеното и му посакуваме многу среќа во натамошната кариера“, стои во краткото соопштение од францускиот гигант. 

Отказот за тренерот доаѓа на само еден ден пред натпреварот кој Олимпик Марсеј ќе го одигра против Ајакс во Лига Европа. Францускиот клуб многу наскоро ќе има нов предводник од клупата, но уште не е познато кои кандидати се во игра за тренерското столче. Марселињо Гарсија Торал ова лето дојде во Марсеј на местото на Хрватот Игор Тудор.