ВИДЕО: Марсеј не знае да чува резултат, Стразбур во 97. минута до бод

Фудбалерите на Олимпик Марсеј и Стразбур одиграа 2-2 во дербито од 22. коло во Лига 1 на „Велодром“, во натпревар што донесе многу тензии и уште повеќе разочарување кај домашните навивачи. Само пред еден месец атмосферата во Марсеј изгледаше далеку пооптимистички. Со Роберто Де Зерби на клупата се најавуваше долгорочен проект и стабилизација на клубот, но серијата лоши резултати, кулминирајќи со тежок пораз од 5-0 во „Класикот“ против Пари Сен Жермен, доведе до негово заминување. Марсеј го пречека Стразбур без тренер и во мошне напната атмосфера.

Дополнителен товар беше бојкотот на навивачките групи од северната и јужната трибина, кои протестираа против управата, особено кон претседателот Пабло Лонгорија и спортскиот директор Меди Бенатија. На трибините се појави транспарент со пораката: „Трибините се празни во знак на протест. За клуб што се самоуништува. Сите ваши проекти изгореа во овие трошни години.“

И покрај сето тоа, Марсеј поведе во 14. минута преку Мејсон Гринвуд, што донесе краткотрајна еуфорија. Во второто полувреме домаќините делуваа поенергично и стигнаа до 2-0 по грешка на голманот Мајк Пендерс, која ја искористи Амин Гуири со мајсторски удар. Сепак, Стразбур не се предаде. Подобрата игра во продолжението ја круниса во 74. минута кога Нанаси реализираше по извонреден продор на Годо, враќајќи ја неизвесноста. Марсеј повторно покажа психолошка нестабилност, а драмата кулминираше во судиското продолжение. Емерсон направи пенал, а Паничели сигурно реализираше за конечни 2-2 во седмата минута од надополнувањето.

  • Извештај од натпреварот:

Свирежите од трибините по последниот судиски сигнал ја отсликаа кризата во клубот. Лонгорија со неверување ја следеше завршницата, додека Марсеј продолжува да тоне на табелата. Наместо борба за титулата, сè поизвесно е дека тимот ќе води жестока битка за место во зоната што води во Лигата на шампионите. Стразбур, пак, со освоениот бод останува во горниот дел од табелата и во трка за европските позиции.