• Иван Димовски

Фудбалерите на Ремс го впишаа првиот пораз по деветнаесет натпревари без неуспех, со што е ставен крај на најдолгата серија без пораз во најсилните лиги на Европа.
Второпласираната француска екипа Олимпик Марсеј со пресврт се радува на гостувањето кај Ремс со 1-2. Домашните поведоа преку неверојатниот Фоларин Балогун, меѓутоа потоа на сцена стапи Алексис Санчез, кој постигна два гола за пресврт и славје на гостинот.
Серијата на Ремс без пораз во француското првенство траеше од 18 септември, кога тимот загуби на гостувањето кај Монако (3-0). Оттогаш досега тимот забележа девет победи и десет реми исходи, пред повторно да претрпи пораз во Лига 1.
И покрај оваа „луда“ серија, Ремс не котира најдобро во првенството, се наоѓа на деветтото место со 43 бода, а местата во Европа се оддалечени минимум седум бода.