• Иван Димовски
Фудбалскиот сојуз на Мароко ја поздрави одлуката да ѝ биде доделена титулата од Африканскиот куп на нации за 2025, откако претходно му беше одземена на Сенегал. Мароканците сметаат дека оваа одлука е во согласност со правилата и е добар знак за зачувување на интегритетот на натпреварувањето.
„Ја поздравуваме оваа одлука, која го потврдува приматот на натпреварувачките правила и ги зајакнува условите неопходни за правилно одвивање на меѓународните турнири. Од самиот почеток, по инцидентите кои доведоа до прекин на натпреварот, нашиот став беше јасен и доследен: строга примена на важечките правила. Нашиот пристап беше воден исклучиво од тој принцип. Во текот на целиот процес делувавме во согласност со сите правни и процедурни рамки, со цел заштита на нашите права и зачувување на интегритетот на натпреварувањето. Оваа одлука носи јасност и дополнително го зацврстува кредибилитетот на меѓународните натпреварувања, особено во африканскиот фудбал“, соопштија од сојузот.
Овој пресврт дојде откако Апелациониот одбор на КАФ одлучи да го поништи исходот од финалето и трофејот беше доделен со службен триумф на Мароканците.
Драмата во овој натпревар се случи кога во судиското продолжение Мароко доби дискутабилен пенал, а Сенегалците се повлекоа. По убедување од страна на Садио Мане играчите се вратија на теренот, домашните не го реализираа пеналот и во продолженијата Сенегал победи минимално (1-0).

