Марковски: Скопје се бореше машки, но не можевме против одредени „сили“

Пролетната сензација Скопје не успеа во невозможната мисија. Тимот од Автокоманда се сели во понизок ранг и заедно со Пелистер во наредната сезона ќе играат во Втората лига - Запад.

„Пиратите“ по поразот од Работнички мораа да се помират со реалноста и да се „спакуваат“ од елитата. Се бореа машки, но не успеаја да се спасат. Љупчо Марковски, тренерот на тимот е задоволен од прикажаната игра, иако тагува поради загубениот прволигашки статус.

По крајот на сезоната, стратегот порача дека голем удел во резултатите на тимот имало разликата во тимовите на теренот кога се играло против Скопје, како и во одредени моменти - срамното судење.

„Се боревме машки, но не можевме да играме против сите екипи во Првата лига. Мора да бидеме искрени, знаеме Победа какви бодови доби на одредени мечеви. На пример со Шкендија, на која успеаја да ѝ го нанесат единствениот пораз. Против нас екипите во ПМФЛ играа во насјилни состави, додека кај противниците одеа со младински екипи. Имаше и срамно судење. Имавме најмлада екипа во лигата, мислам дека фудбалерите заслужуваа малку пофер однос од судиите и од оние што делегираат. Скопје располагаше со само 13 фудбалери ако говориме реално, а ние освоивме 20 бода оваа пролет. Со Работнички не загубивме бодови со фудбалска игра. Дадовме се од себе и фудбалски докажавме дека сме многу понапред од екипите што се бореа со нас за опстанок, па дури и од некои што изборија пласман во Европа. Но, не можеме да се бориме против одредени „сили“ како што владеат тука“, изјави Марковски.

Што беше разликата меѓу Скопје во есенскиот и во пролетниот дел од сезоната? Марковски тврди дека се работи за искуството и за самодовербата на фудбалерите.

„Во првиот дел повеќето играчи за првпат играа во елитата. Јас исто им реков дека правата вредност ќе ја добијат после напорна работа дури шест месеци. Направивме скромни подготовки, не отпатувавме никаде, додека останатите одеа во странство. Донесовме играчи токму на тие места што ни фалеа и ги подобривме резултатите. Младите играчи стекнаа самодоверба, резултатите ни одеа во прилог. Никој нас не ненадигра сезонава. Можам само да се заблагодарам на сите и ми беше чест и убавина да работам со овие момци“, заврши стратегот на Скопје.

Тимот од Автокоманда во 36 одиграни кола забележа седум победи, 14 ремија и 15 порази. Според ефикасноста, Скопје со 24 гола беше најнеефикасен тим, но затоа ја имаше и третата „најтврда“ одбрана во првенството.