ВИДЕО: Марковска со гол директно од корнер, ЖФК Љуботен го одбрани Купот!

Екипите на ЖФК Каменица Саса и ЖФК Љуботен попладнево на стадионот „Зоран Паунов“ во Велес се сретнаа во финалниот натпревар од Купот на Македонија, а победата им припадна на тетовчанки, кои славеа со минимални 1-0 (0-0) со прекрасниот гол од корнер на Александра Марковска. 

  • ЖФК Каменица Саса - ЖФК Љуботен 0-1: 

Почетниот период донесе за нијанса подобра игра на гостинскиот тим, тетовчанки имаа 2-3 солидни прилики за отворање на резултатот, но во завршницата недостасуваше концентрација. Саса се закани во два наврата преку полу-контри, но мрежите мируваа во периодот до 30. минута. На моменти се играше малку погрубо, но судијката Ивана Пројковска не дозволи работите да излезат од контрола. До крајот на првите 45 минути имаше уште по една солидна шанса на двете страни, но на паузата останаа почетните 0-0. 

И второто полувреме започна со динамично темпо и доста прекини. Домашниот тим тргна со малку поголем притисок и се обидуваше со нафрлени топки од прекини да го загрози гостинскиот гол. Љуботенки полека се ослободија од притисокот и заиграа подобро во продолжение, а потоа имаа и една одлична шанса преку Алваренга Талита, но домашната голманка Фереира Да Силва успешно го скроти ударот. 

Веднаш потоа гостинките направија голема грешка во одбраната, по што колосална шанса за водство имаше Фрагосо Де Соуза, но одлично реагираше капитенот Лекоска и успеа да го сочува својот гол. Последните минути донесоа малку помирно темпо, двете екипи како полека да ги губеа силите и кога се чинеше дека мечот во регуларното време ќе заврши со почетните 0-0, на сцена стапи феноменалната Александра Марковска, која директно од корнер успеа да ја совлада Фереира и донесе победа за Љуботен дури во 93. минута од натпреварот. 

На крајот актуелниот шампион на Македонија успеа да триумфира со минимални 1-0 и ја одбрани Куп-титулата освоена минатата година. Натпреварот одлично го водеше интернационалната судијка Ивана Пројковска.