Маркоски: Сакаме позитивен старт на европското лето

Фудбалерите на Работнички ќе се судрат со Торпедо Белаз во првото претколо на Конференциската лига. 

Во пресрет на натпреварот во Унгарија, на прес-конференцијата се обрати тренерот Бојан Маркоски. За него дуелот со Белорусите ќе биде официјално деби.

„Време е за европскиот предизвик. Се подготвувавме за ова, го анализиравме противникот, Торпедо-Белаз е квалитетен тим, но ние сакаме позитивно да го стартуваме ова европско лето. Верувам во тимот, ќе сториме сѐ да оствариме посакуван резултат и реваншот во Скопје по седум дена да го дочекаме со еден чекор поблиску до пласман во следното квалификациско коло. Работнички по седум години е повторно во Европа, и тоа апсолутно нѐ мотивира сите да дадеме и повеќе од максимум, и овде во Унгарија, како и на вториот меч во Скопје.“

Поради воената состојба во тој дел од Европа, белорускиот тим го дочекува Работнички на неутрален терен на стадионот „Халадас“ во унгарски Шомбатели.