ВИДЕО: Маркоски од пенал го реши Силекс и донесе големи три бода за „пандевци“

Еден погодок го одлучи натпреварот во Струмица меѓу Академија Пандев и Силекс на кој бодовите ги задржа домашната екипа (1-0). Дуелот на стадионот „Благој Истатов“ донесе сиромашно надигрување со иницијатива на струмичкиот прволигаш и незаинтересирана игра на гостите од Кратово.

„Пандевци“ од самиот почеток ја контролираа играта и беа тие кои што имаа офанзивен пристап, за разлика од противникот, кој играше внимателно. Голманите во првите 45 минути речиси и да немаа работа и само во неколку наврати беа активни, поради гужва во нивниот шеснаесетник.

Најголемата шанса ја имаше Велиновски кој биеше од десната страна, но топката заврши во рацете на голманот Божиновски. Главниот судија беше поактивен од некои од фудбалерите, особено во гостинските редови. 

Продолжението донесе уште поофанзивна тактика на Академија Пандев која повеќе ја посакуваше победата. Како во првиот, така и во вториот дел, поголемиот дел од играта се случуваше на половината на гостинската екипа. На 15 минути до крајот Маслаќ ја погоди стативата, по еден центаршут од слободен удар, и пропушти голема шанса за отворање на резултатот.

Се играше 90. минута кога домаќинот поведе од пенал и конечно го скрши одбранбениот бедем на гостите. Кире Маркоски беше успешен реализатор, а Силекс протестираше кон главниот судија, сметајќи дека одлуката која го одлучи победникот е погрешна.

Во следното коло „пандевци“ гостуваат кај Работнички, а кратовчани ќе патуваат во Тетово и ќе се надигруваат со Шкендија.