• Мартин Танасковски
Најдобриот стрелец во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) за изминатата сезона, Марко Ѓорѓиевски, замина од Силекс и има нов клуб, ќе тресе мрежи во најдобрата романска лига.
Шпицот ја заврши сезоната со петнаесет постигнати гола и го сврти вниманието кон себе на повеќе клубови од Европа. Ѓорѓиевски имаше богата понуда од тајландскиот шампионат, но таа беше одбиена. Опцијата на која падна изборот е тимот на Клуж. Се работи за романскиот вицешампион кој даде најдобри услови за да го добие потписот на Ѓорѓиевски.
Центарфорот одигра 30 меча за Силекс во изминатата сезона, а низ кариерата беше дел од српски Раднички и Вождовац, како и македонските Вардар, Борец, Шкупи, Брера и Силекс.
Со тимот на Клуж, Ѓорѓиевски ќе игра во квалификациите за Лигата на Европа каде е меѓу носителите во првото квалификациско коло. Неговите застапници Агрон Хајредин и Данко Ѓикиќ веруваат дека напаѓачот го избрал вистинскиот клуб за својот развој.




