Маркињос разочаран: Во моментов лутаме и играме без никаква самодоверба

Фудбалската репрезентација на Бразил минува низ тежок период. По Светското првенство во Катар, каде беа едни од главните фаворити за трофејот, „кариоките“ никако не можат да влезат во посакуваниот ритам, а доказ за тоа е и последниот пораз на гостувањето од Парагвај со 1-0 во квалификациите за Светското првенство во 2026 година.

Синоќешниот беше веќе четврти пораз за Бразил во нивниот осми квалификациски настап и јужноамериканскиот гигант моментално е петти на табелата со три победи, едно реми и четири порази. Добра вест за Бразил е што дури шест репрезентации директно ќе се пласираат на Светското првенство, додека седмопласираната ќе учествува во дополнителни квалификации.

„Нашиот селектор сè уште се обидува да го најде вистинскиот систем и начин на игра. Сето тоа се одразува на нашата игра и резултатите. Во моментов лутаме и што е најлошо, играме без никаква самодоверба", им призна на бразилските новинари дефанзивецот Маркињос.

Минатата година, во текот на октомври и ноември, Бразил забележа три квалификациски порази во низа, губејќи од Уругвај, Колумбија и Аргентина.