„Марка“: Видовме нов Реал и генијален Лука Модриќ!

Фудбалерите на Реал Мадрид успеаја да го минат Ливерпул во осминафиналната фаза од Лигата на шампионите и со вкупни 6-2 се пласираа меѓу осумте најдобри во елитното натпреварување. 

Реваншот го потврди она што се очекуваше, прогрес на кралскиот клуб во четвртфинале, особено по убедливата победа на „Енфилд“ од 2-5. Лука Модриќ одново беше генијален и одигра клучна улога во победата на неговиот тим, а шпанска „Марка“ излезе со статија дека вчера публиката беше сведок на еден нов и освежен Реал Мадрид, со Модриќ како нивен предводник. Медиумот пишува дека Модриќ вчера имал двојна улога на теренот и одлично се снашол во новите задачи поставени од Карло Анчелоти. 

„Откако замина Касемиро, Анчелоти бараше адекватна замена за него на теренот, а тоа му успеа откако Камавинга успеа да се избори за место во стартниот тим, иако голема конкуренција му беше сонародникот Чуамени. Анчелоти е голем фан на комбинацијата Камавинга - Крос, и тој дури ја промени тактиката за да можат да функционираат добро на теренот. Вчера против Ливерпул добивме потврда на она што беше евидентно последниов период. Тренерот ја промени тактиката од 4-3-3 во 4-2-3-1, а тоа малку ја промени позицијата на Модриќ и неговата улога на теренот.

Во новата формација на Реал, Лука Модриќ сега е вистинска „десетка“, иако претходно бројката на дресот не беше соодветна за неговата позиција. Вчера тој играше веднаш позади напаѓачката линија и прекрасно се снајде во новата улога. Генијалноста на Анчелоти се потврди уште еднаш, вчера Модриќ иако беше меѓу клучните играчи во нападот, тој исто така беше еден од главните во дефанзивните задачи. Едноставно, го имаше секаде на теренот и со неколку генијални потези ја воодушеви публиката“, пишува „Марка“. 

На вчерашниот натпревар, во моментите кога Ливерпул напаѓаше, Модриќ ја напушташе својата природна позиција и спречуваше опасни контра-напади на „црвените“ кои многу тешко доаѓаа до опасните зони. Генијалниот Хрват уште еднаш ја потврди својата луцидност и неверојатната прегледност на целиот терен. Ќе биде навистина интересно да видиме како ќе заврши сагата околу евентуалното продолжување на договорот со 37-годишниот Лука Модриќ.