Марио Илиевски и уште 26 други фудбалери заминаа од ЦСКА 1948

Македонскиот фудбалер и повремен репрезентативец Марио Илиевски ќе ја продолжи својата кариера во нов клуб оваа есен, откако и официјално го напушта бугарскиот тим ЦСКА 1948.

Напаѓачот пристигна во Софија минатото лето од унгарскиот прволигаш Кишварда со големи очекувања, но по само една сезона, и со ограничена минутажа, одлучи да побара нова средина.

Илиевски неколкупати се најде на списокот на селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, но поради намалената улога во клубот, постепено го изгуби своето место во националниот тим.

Заминувањето на Илиевски доаѓа во период кога ЦСКА 1948 се наоѓа во процес на сериозна реконструкција на тимот – клубот ова лето се раздели со дури 27 фудбалери, што укажува на значајни промени во составот и стратегијата за наредната сезона.

ФОТО: ЦСКА 1948/ CSKA 1948 / Facebook

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.