Марез: Не сум задоволен, требаше поубедливо да го победиме ПСЖ

Херојот на реванш-средбата од полуфиналната фаза во Лигата на шампионите Ријад Марез и покрај новата победа на Манчестер Сити над ПСЖ изјави дека не е задоволен од тоа како неговиот тим играше во првото полувреме, иако го имаше водството при себе.

Алжирскиот напаѓач уште во 11. минута им донесе предност на „граѓаните“, додека печат на пласманот на англискиот гигант во финалето стави во 63. минута, кога по една одлична тимска акција одново го надмудри Навас.

„Не можам да кажам дека првото полувреме беше добро за нас, иако постигнавме гол. Во второто полувреме игравме подобро, но имам впечаток дека можевме да обезбедиме уште поубедлива победа. По црвениот картон за ПСЖ, ни беше полесно. Планот не ни беше да се игра со контра напад, но тие мораа да нè нападнат и така беа постигнати двата гола“, рече Марез.

Противник на Манчестер Сити во финалето на Лигата на шампионите ќе биде подобриот од вечерашниот реванш меѓу Челзи и Реал Мадрид. На првиот натпревар во Шпанија, резултатот беше 1-1.