Марчињак и покрај скандалот во Полска ќе го суди финалето на ЛШ

Полскиот судија Симон Марчињак си направи проблеми, откако се појави на десничарски политички настан во Катовице пред неколку дена. Ако не е толку спорно само неговото појавување, тој беше и главен говорник на собирот организиран од политичарот Славомир Ментцен. Се работи за човек кој е познат за своите хомофобични и анти-семитички гледишта, а тоа се коси со начелата на УЕФА за дискриминација. 

Се зборуваше дека Марчињак поради тоа ќе го загуби финалето во Лигата на шампионите за кое е делегиран да суди. Сепак, тоа нема да биде случај. УЕФА му даде можност на судијата да го изнесе својот став за ситуацијата. Полјакот се извини и се огради од ставовите кои се спротивни на начелата, па наиде на разбирање од страна на Европската фудбалска куќа. 

Откако го добија официјалниот допис, челниците на УЕФА решија дека нема потреба да се санкционира арбиртот. Така, Симон Марчињак останува главен судија за финалето во Лигата на шампионите меѓу Интер и Манчестер Сити кое е закажано за десетти јуни во Истанбул.