Манолас се врати во матичниот клуб, ќе игра аматерски во Грција

Костас Манолас реши да го напушти професионалниот фудбал и по настапите за Салернитана оваа година реши да се врати во матичниот клуб Панаксиакос. 

33-годишниот стопер кој најдобрите денови од кариерата ги мина во Рома со која играше полуфинале во Лигата на шампионите и потоа во Наполи реши да заигра во клубот од кој потекнува. Манолас до крајот на сезоната ќе биде член на Панаксиакос и ќе игра аматерски фудбал во регионално првенство во Грција, во четвртата лига. 

Кариерата на грчкиот стопер тргна токму на ова место, а потоа преку Трасивулос и АЕК стигна до Олимпијакос. Во 2014 година за 15 милиони беше откупен од Рома, која пак пет години подоцна го продаде за 36 во Наполи. Во 2022 се врати во Олимпијакос, но по една полусезона заврши во Шарјах во Обединетите Арапски Емирати.

Од февруари до вчера тој беше член на Салернитана со која забележа пак настапи во Серија А, а сега се врати на местото каде што започна сè.