ВИДЕО: Мањан го сопре Елмас, но Наполи е во финалето на Суперкупот!

Екипата на Наполи е првиот финалист во Суперкупот на Италија, откако вечерва славеше над тимот на Милан со конечни 2-0 (1-0) и во мечот за трофејот ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Болоња и Интер. 

  • Извештај од натпреварот:

„Партенопеите“ беа подобар тим на теренот и заслужено дојдоа до триумфот, а резултатот беше отворен при крајот на првиот дел, кога Давид Нерес погоди за 1-0 и донесе минмална предност на паузата. 

Миланезите се обидоа да заиграат поофанзивно на стартот од второто полувреме, но Наполи повторно зададе удар, овој пат преку Расмус Хојлунд, кој ја затресе мрежата во 63. минута и донесе комотна позитива за актуелниот италијански шампион. 

Нашиот Ељиф Елмас повторно беше во почетниот состав на Антонио Конте, одигра солиден натпревар и беше заменет во 77. минута. Најдобрата шанса на мечот ја имаше во 21. минута кога изведе еден шут преку дефанзивата на Милан, но топката од линијата ја извади голманот Мајк Мањан и ја испрати во корнер.

Милан не беше во подредена улога и упати четири удари во рамките на голот, но не успеа да дојде ниту до почесен погодок. На крајот, Наполи славеше со конечни 2-0 и ќе се бори за првиот сезонски трофеј.