• Мартин Танасковски

Јован Манев е првотимец во турска Адана Демирспор, а сега ќе има шанса да заигра и во А-тимот затоа што доби повик од селекторот Благоја Милевски за пријателскиот натпревар на Македонија против Фарски Острови.
Стоперот доаѓа откако Зајков и Муслиу отпаднаа од комбинација за настап. Манев има можност да дебитира за најдобрата селекција, што би било сосема заслужено, по добрите настапи во Турција.
„Среќен сум што добив покана. Ќе се потрудам во првата средба за А-репрезентацијата да ја оправдам довербата. Со овој повик ми се исполни мојот сон. Сега е време да се докажам и во најдобрата македонска селекција. Ќе дојдам во Скопје. Клубот не ми прави проблеми да дојдам“, изјави Манев за локалниот штипски медиум „Штипски асови“.
Пријателскиот натпревар меѓу Македонија и Фарски Острови се игра во понеделник во Скопје од 18:00 часот, а доаѓа по квалификациската победа над Малта во циклусот за ЕП 2024. На овој дуел покрај Муслиу и Зајков, нема да играат уште Димитриевски и Адеми.