• Иван Димовски

Фудбалската селекција на Македонија одигра големо реми против Англија (1-1), во рамките на последното квалификациско коло за Европското првенство. Расположението во нашиот табор беше на високо ниво по овој позитивен резултат, па на јавноста ѝ се обрати и Јован Манев.
„Пред сè, сакам да им се заблагодарам на навивачите што дојдоа во голем број и не поддржаа, тоа беше поттик за нас. Ние сме млада екипа и сме во процес, затоа сум горд на моите соиграчи. Се надевам дека со овој резултат нема да застанеме овде, затоа што имаме многу квалитет и сега уште поголема мотивација, по ова реми со Англија. Се надевам дека во следниот циклус ќе излезе на виделина она кое го работиме и заедно ќе се радуваме на нови успеси на Македонија. Англичаните се светска класа, но тоа беше мотивација за нас да ги покажеме квалитетите“, смета стоперот на Осијек.
Како за крај на циклусот ова реми е добредојдено, особено по некои претходни лоши резултати. Во групата завршивме претпоследни, ама во два наврати одигравме 1-1 против „големците“.