ВИДЕО: Мане и Салах пак блеснаа, Ливерпул за ДВЕ минути го среди Челзи

Фудбалерите на Ливерпул го положија можеби најголемиот „тест“ до крајот на Премиер лигата и заслужено со сигурни 2-0 славеа во големото дерби на Англија против Челзи

  • Извештај од натпреварот: 

Маурицио Сари и за ова дерби се потпре на млади сили и од првата минута во „оган“ ги фрли англиските репрезентативци Хадсон-Одои и Лофтус-Чик, а повторно се реши да игра со „лажна деветка“, која му припадна на првата ѕвезда Еден Азар.

Но, офанзивната формација на „сините“ не донесе некое посериозно возбудување пред голот на Алисон, бидејќи дефанзивната линија на Ливерпул беше беспрекорна и навремено ги стопираше сите налети на противникот. 

За разлика од одбраната, нападот на домаќините тотално потфрли во првиот дел. Триото Мане, Салах, Фирмино делуваше застрашувачки, но само на хартија, бидејќи на терен не можеше да пронајде празнина во противничката одбрана, а кога ќе им успееше тоа на патот им застануваше одличниот Кепа. Најголемата шанса во првиот дел ја имаше Садио Мане, но најскапиот голман на светот не дозволи капитулација и одлично интервенираше. 

Сепак, Ливерпул во вистински момент ја покажа својата офанзивна моќ. Мане и Салах се разбудија од 45-минутниот сон и за само две минути го отпишаа Челзи и на својот тим му донесоа огромна победа. Резултатот го отвори Сенегалецот со прецизен удар со глава, додека вториот гол на „црвените“ предизвика „експлозија на Енфилд“, откако Салах со мајсторија од преку 25 метри го совлада Кепа и го постави конечните 2-0. 

Во продолжението Челзи на неколку наврати проба да се врати во игра, но Азар ја погоди стативата,  а Алисон беше на вистинското место по Вилиан. Со оваа победа Ливерпул се врати на лидерската позиција на табелата во Премиер со 85 бода, два повеќе од Сити, кој има еден натпревар помалку.