• Горан Упале
Фудбалската селекција на Сенегал е првиот финалист во Африканскиот Куп на нации. Во првото полуфинале, одиграно во Тангер, „лавовите“ извојуваа минимален триумф над Египет и обезбедија натпревар за трофејот во континенталното натпреварување (1-0).
Во долгоочекуваниот дуел меѓу некогашните соиграчи од Ливерпул, Садио Мане и Мохамед Салах, на крај славеше сега веќе поранешниот член на „црвените“, кој воедно беше и човек на одлука. Дуелот започна со прегратка на двајцата големи пријатели, а потоа Салах направи неспортски прекршок токму врз Мане, по што настана голема мешаница на теренот и беа поделени неколку жолти картони.
На полувреме резултатот беше оној од првата минута, а во вториот дел сенегалскиот херој стапи на сцена и со прекрасен погодок од далечина одново ја израдува нацијата и го одведе Сенегал во уште едно финале, прво по пауза од четири години.
Во битката за трофејот Сенегал ќе се судри со подобриот од вечерашното соочување меѓу домаќинот Мароко и вицешампионот Нигерија.



