Манџукиќ експресно заминува од Катар, Турција негов следен предизвик

Хрватскиот интернационалец Марио Манџукиќ веројатно експресно ќе се врати во Европа. По само шест месеци минати во Ал Духаил од Катар, 33-годишниот напаѓач размислува да ја прифати понудата на турскиот Бешикташ. По четири ипол сезони во Јувентус, Манџукиќ се пресели во Катар, постигна еден гол на шест натпревари и не ги оправда очекувањата.

Неговиот клуб Ал Духаил ќе го крати буџетот, а Манџукиќ е еден од најскапоплатените во клубот. Се предвидува обострана согласност за раскин на договорот и можност Хрватот без обештетување да ја избере својата нова средина. Бешикташ, каде веќе настапува Домагој Вида, е најзагреан за Манџукиќ и спремен е да му понуди двегодишен договор.

Марио Манџукиќ стана европски првак со Баерн Минхен, настапуваше и за Атлетико Мадрид и Јувентус, а за хрватската репрезентација запиша 89 натпревари и постигна 33 гола. По Светското првенство во Русија и освојувањето на второто место, Манџукиќ се прости од дресот на хрватската репрезентација.