• Горан Упале
Искусниот француски голман Стив Манданда најверојатно синоќа го одигра својот последен натпревар во кариерата.
Судбината сакаше тоа да се случи на неговиот „Велодром“ каде што е сакан и славен. Четириесетгодишниот голман е играчот со најмногу настапи во историјата на Олимпик Марсеј, а синоќа тој стапна на тревникот на „Велодром“ во дресот на Рен, чии бои ги бранеше во последните три сезони, благодарение на одлуката на тренерот Хабиб Бејет, кој одлучи да му даде шанса на искусниот голман во продолжението од натпреварот од последното коло.
Не затоа што ќе придонесе за самиот дуел, туку за неговиот „Велодром“ потенцијално да го поздрави за последен пат иако го носи дресот на противнички клуб. И, тоа се случи. Манданда при влегувањето во терен доби стоечки овации од навивачите на Марсеј, како и прегратки од поранешните соиграчи.
Манданда одигра 613 натпревари за Марсеј во своите два мандата. Се зборуваше за преговори за продолжување на неговата соработка со Рен, но сè уште не е познато во која насока оди ова и дали Французинот ќе ја продолжи кариерата или ќе замине во пензија.