Манчини: Задоволни сме на крајот од денот, ама не сме фаворити во групата

Италија на претстојното Европско првенство ќе игра во групата А со Турција, Швајцарија и Велс, а селекторот Манчини е задоволен од жрепката. Веднаш по извлекувањето тој зборуваше со италијанските медиуми и изјави дека ова е една добро балансирана група. 

„Можевме да ја добиеме Франција, па на крајот од денот сме задоволни. Мораме да играме добро на сите натпревари. Ние не сме фаворити, сите овие екипи играат убав фудбал. Фактот што играме во Рим е предност, но секој дуел ќе биде тежок. Сакам да го потенцирам тимот на Велс, иако дојдоа од последниот шешир, имаат одлични и искусни играчи. Тие не се лесна екипа за победа", започна Манчини. 

Потенцијалниот пат кон финалето според проценките би бил прв нокаут дуел со Украина, а четвртфинале против Хрватска доколку нема изненадувања. Сепак, Манчини најави дека тоа се само претпоставки на хартија и не мора да значат ништо.

„Доколку сакаме да дојдеме до Лондон и полуфиналето имаме тежок пат. Секој натпревар е предвидлив на хартија, но Хрватска на пример стигна до финалето на Светското првенство и покрај коефициентите. Да се фокусираме прво да ја поминеме групата", посочи Италијанецот.

Селекторот на Италија изјави дека целта е „Вембли", а за тоа да се случи, мора да се победат сите ривали. 

„Ништо не смее да се земе здраво за готово. Можеби некој од фаворитите ќе падне рано. Доколку сакаме да одиме до „Вембли" мораме да ги победиме сите. Ни оди добро, но мора да се подобриме за настапот на ЕУРО 2020. Сега најголем проблем ми е да го скратам списокот на 23 играчи", заврши Манчини.

Репрезентацијата на Италија во првото коло ќе игра против Турција на „Олимпико", а таа средба воедно ќе биде и отворање на Европското првенство.