Манчини: Турција е преполна со талент, но наша цел е да стигнеме до Лондон

Селекцијата која со најдолга позитивна серија доаѓа на Европското првенство, Италија на Роберто Манчини, ќе го отвори овој континентален собир со дуел во Рим против Турција. Четирикратниот светски шампион важи за еден од фаворитите на шампионатот, иако нема супер-ѕвезди во ростерот.

На прес-конференцијата пред натпреварот, селекторот зрачеше со смиреност и стабилност пред натпреварот.

„Дојде турнирот во кој очекувам најмногу од моите момци. Сакам да стигнеме далеку и да се забавуваме. Има многу сличности меѓу оваа Италија и мојата прва Сампдорија на Бошков. Првиот натпревар е секогаш најтежок. Мора да ја респектираме оваа Турција. Составена е од многи талентирани момци. 

Штета што стадионот нема да е полн, но и 16.000 луѓе се подобро од празен стадион. Наша цел е да стигнеме до Лондон, а сега сме само на почеток. Жал ми е за повредите на Сенси и Пелегрини, двајцата заслужија да се дел од овој шампионат. На оние фудбалери кои ќе излезат на терен ќе им кажам да излезат и да се забавуваат“, рече Манчини.

Италија и Турција последен пат на Европско првенство се сретнаа во 2000 година, кога „аѕурите“ играа финале против Франција и загубија по продолжение со 1-2.