• Сашо Поповски
Поранешниот предводник на Интер и Манчестер Сити, Роберто Манчини изјави дека со голема чест и задоволство би застанал на позицијата селектор на фудбалската репрезентација на Италија.
Местото е празно по отказот на Џампјеро Вентура минатиот ноември, по неуспехот во квалификациите за Мундијалот во Русија. Првиот кандидат за тренерската позиција, Карло Анчелоти ја одби секоја поврзаност со „азурите“ и најави дека нема никаква заинтересираност за таа работа.
Тоа го натера Манчини, кој моментално го предводи руски Зенит, да се пријави како наследник на Вентура. Италијанецот вели дека негов сон е да го освои трофејот на Светското првенство со својата земја.
Долгите периоди без своите фудбалери во Русија не би требало да му бидат проблем, бидејќи тоа е пракса на многу други тренери.