Манчини: Само перфектни можевме да ја совладаме Белгија, сите беа одлични!

Италија се пласира во полуфиналето на Европското првенство и селекторот Роберто Манчини не можеше да го сокрие задоволството по големата победа над Белгија во Минхен.

Поранешниот тренер на Интер, Зенит, Манчестер Сити на прес-конференцијата рече:

„Мислам дека не претрпевме голем притисок во текот на натпреварот. За да се победи тим каков што е Белгија, потребно е сите да одиграат одлична партија и токму тоа се случи. Постигнавме два гола, а можевме да постигнеме и повеќе. Победата е целосно заслужена. Следен ривал е Шпанија, и колку повеќе одиме напред, толку потешко ќе биде. Сепак, вечерва сакам да размислиме исклучиво за големата победа, да прославиме и да се одмориме“.

Лоренцо Инсиње, стрелецот на феноменалниот гол за 2-0, беше прогласен за играч на натпреварот, но повредата на Спинацола по малку го расипа впечатокот на перфектната минхенска вечер.

Полуфиналето Италија - Шпанија се игра во вторник на „Вембли“.