• Горан Упале

Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација Роберто Манчини не беше презадоволен и покрај победата во Унгарија и освојувањето на групата во А дивизијата од Лигата на нации.
Актуелниот европски првак со триумфот во Будимпешта од 0-2 обезбеди учество во плеј-офот од Лигата на нации, но Манчини имаше критики за настапот на неговиот тим во последните дваесет минути, кога, како што истакна, се бранеа без причина.
„Тоа беше тежок натпревар. Сè беше совршено до последните дваесет минути. Навистина треба да ја подобриме нашата способност да го контролираме натпреварот деведесет минути. Кога работиш толку напорно за да стекнеш предност од два гола, нема смисла да трепериш како во последните дваесет минути. Требаше да продолжиме да притискаме и да бркаме трет гол. Го загубив гласот затоа што постојано се дерев во последните дваесет минути“, рече Манчини.
Италија, која што нема да настапи на претстојното Светско првенство, во плеј-офот од Лигата на нации се пласира пред големите ривали Германија и Англија.